News

Македонска иновација за гаснење пожар на литиумски батерии победи на светски натпревар на американското Министерство за одбрана!

Домашната компанија ВЕДА добитник на прва награда на меѓународен натпревар за иновации поддржан од Министерството за одбрана на САД

Производот за сузбивање на пожар од литиумски батерии (Fire Suppression Solution for Li –Ion Battery) на скопската компанија ВЕДА е добитник на првата награда на меѓународниот натпревар за иновации во областа на струја и енергија (Electric Power and Energy) организиран од американскиот акцелератор xTechInternational, поддржан од Министерството за одбрана на САД. Негова цел е да поттикне учество на компании од целиот свет чии иновации можат да бидат применети во разни области за нивните потреби. Преку акцелераторот, избраните компании добиваат знаење и поддршка со која интернационалните компании кои се занимаваат со истражување и развој можат да се инкорпорираат и вклопат во бизнис моделите на американската армија.

Акцелераторот делува како катализатор за раст за компаниите преку различен вид на менторство. Со тоа се забрзува процесот на транзиција за компаниите за да можат полесно да соработуваат со американската армија и други организации на Министерството за одбрана, со цел да се изнајде решение за критични проблеми во клучни области.

Борис Јанковски

Наградената македонската иновација е на Борис Јанковски чија компанија уште од своето основање во 1991 работи исклучиво на истражување и развој на нови технологии. ВЕДА е компанија која во своето портфолио има неколку иновативни технологии што ги има продадено низ светот.

Последната иновација е решение за двостепена заштита на литиумските батерии но внатре во самото пакување како интегриран ситем на целата батерија.

Литиум јонските батерии се употребуваат во електрични возила, тротинети, автобуси, акумулатори и друга опрема која користи електрична енергија.

Една од најзначајните слаби точки кај Li-ion батериите е појавата на термално распаѓање или Thermal Runaway, што е неконтролирана состојба на самозагревање и запалување на Li-ion батеријата. Ова е хемиска реакција во внатрешноста на батеријата во ќелиите.

Хемиската реакција, која штом се иницира не може да се запре, резултира со исфрлање на отровен гас, шрапнели и екстремно високи температури кои можат да ги загрозат животите на луѓето, како и безбедноста на секаков вид опрема или возила во кои се наоѓа батеријата.

Пожарот во литиум-јонските батерии обично завршува со целосно уништување на батеријата, а во повеќето случаи со уништување на опремата во која се наоѓа (возило, електронска опрема, акумулатори за напојување и сл.).

Искра Јанковска Михајловска, директорка на оваа семејна фирма, вели дека ова е големо признание за тимот инженери од компанијата затоа што доаѓа од САД каде што конкуренцијата во областа на иновациите во технологии и техника е огромна, а натпреварот беше меѓународен и во него учествуваа компании за истражување и развој од цел свет. Исто така, жирито на овој натпревар беше составено од врвни специјалисти и доктори на науки во разни области кои се однесуваат на секторот струја и енергија, така што нивната одлука за оваа прва награда е големо признание за вложеното знаење во процесот на истражување и развој за тимот на ВЕДА.

Г-ѓа Јанковска може ли подетално да ни објасните за каква иновација станува збор?

Нашето решение се состои во примена на систем кој проблемот го решава на две нивоа со посебни подсистеми.

Првиот подсистем се состои во поставување на термална бариера помеѓу ќелиите во батеријата со што се оневозможува трансфер на висока температура од една на друга ќелија која се појавува со термалното распаѓање со тоа се штитат здравите ќелии да се запалат.

Вториот подсистем се базира на примена на аеросолниот систем за гасење на ВЕДА при што пламенот кој неминовно ќе се појави од ќелијата во фаза на термално разлагање веднаш ќе биде угаснат внатре во куќиштето на батеријата.

Со примената на системот на ВЕДА практично опожарениот објект ќе биде заштитен од масовен пожар и уништување на опремата.

Инаку LI-Ion батериите се палат од брзо полнење, удар или прегравање од различни причини или скриена фабричка грешка. Сите овие состојби предизвикуваат хемиска реакција во батеријата.

Применет е принципот на егзотермично-ендотермични хемиски реакции, така што ослободената топлина од клетката во фазата на термалното распаѓањесе користи во ендотермичките хемиски реакции на топлинската бариера.

Колкав тим овде во Македонија работеше на развој на оваа иновација и дали ја правевте наменски? Како изгледаше самиот процес на натпреварот?

Стандардно работеше тимот на ВЕДА, но ние секогаш користиме надворешни соработници за одредени деликатни проблеми. Овој производ веќе беше започнат да се развива по барање на една компанија од автомобилската индустрија чиј што шеф на истражување и развој го знаеме од претходни проекти. Тие побараа од нас да направиме предлог решение за нивното возило со цел да се зголеми безбедноста во нивните електрични возила.

На овој натпревар иновативноста и оригиналноста се предност, но масовноста и одржливоста се исто така многу значајни.

Интересно е што информацијата за натпреварот дојде преку ФИТР,а процесот на натпреварот траеше од март годинава и заврши во јуни. Поминавме три селекции до финалето. Секоја селекција беше преку испраќање материјали за производот и видео презентација. Секој пат времето за презентација и прашања од жирито беше подолго што овозможуваше детална презентација.

Оваа иновација во нејзиниот зачеток беше поддржана од Фондот за иновации. Која Ви беше замислата во таа фаза од развојот?

Поддршката од Фондот ни помогна да стигнеме до стадиумот на полуиндустриски производ за домаќинства. Оттогаш имаме простор да ја надградуваме и развиваме супстанцата за сузбивање и гасење пожар за разни намени. Последнава година ја развивме супстанцата за гасење на литиумските батерии што моментално е единствено решение на светско ниво.

Со оваа поддршка од ФИТР го развивме проектот за нетоксична супстанца за гасење пожар во места каде има луѓе. Досега аеросолите не се користат за ваква намена бидејќи аеросолите кои ги користи конкуренцијата не се нетоксични доколку се вдишат. Во оваа фаза го поминавме тестот за нетоксичност и развивме цел систем со сензорска дојава за заштита на куќи и објекти.

Што понатаму? Колку ова светски значајно признание ќе ви помогне во комерцијализација на оваа иновација? Дали веќе имате некои побарувања за нејзина имплементација? Која е вашата визија и цел?

Патот на комерцијализација на иновативни производи не е лесен. Од 1991 фирмата се занимава со тоа. Секогаш некој чека друг да биде прв. Вложувањата во нови технологии се сметаат за ризични. Кај нас досега освен од ФИТР никој не не поддржал, па нашите производи досега, а најверојатно и понатаму, ќе ги продаваме и произведуваме надвор од земјава.

Многу би сакала да прераснеме од истражување и развој во производствена фирма. Ние можеме  да изградиме фабрика и да поставиме производство. За тоа имаме знаење и искуство стекнато на странскиот пазар при поставување на неколку комплетни технолошки системи, но како развојна лабораторија не сме во состојба да ги обезбедиме потребните финансиски средства. Нашиот производ мора да заживее во најкраток можен рок. Интерес од странство постои, а ние мора да ја искористиме таа шанса.

Дали постои сличен систем за заштита на литиум-јонските батерии во светот?

Не, ова е прв пат во светот да биде презентиран ефикасен систем за заштита од пожар на литиум-јонски батерии во внатрешноста на батеријата. Ги посетуваме светските саеми и конференции на оваа тема и до сега нема сличен систем.

Дали ова може да значи дека вашиот производ може да има широка примена кај сите возила или опрема кои користат електрична енергија?

Секако, како што во секое возило е поставен систем за заштита на патниците со воздушни перничиња, реално во скора иднина ваков производ може да биде вграден во секое возило кое користи батерии, со тоа ќе се обезбеди заштита на возилото, опремата и патниците од пожар. Нашиот систем за аеросолно гасење може да се примени и кај класичните возила (коли, камиони , автобуси, градежна механизација, пловни објекти, воздухоплови…)